Поучени од претходните искуства кога индивидуално се снабдуваа со дрва за огрев и кога дел од нив останаа без снабдување, кичевските пензионери повторно ќе се вратат на опробаната практика, да купуваат дрва на повеќе еднакви рати преку Здружението на пензионери, потврди претседателот на кичевското здружение, Душан Ристоски.
– Пријатно сме изненадени од големиот интерес на нашите членови да купат дрва на рати преку нашето здружение, откако претходните неколку години интересот за овој вид набавка драстично опадна. Како што велат самите пензионери, искуствата со набавка на огревно дрво последните години биле многу непријатни, а дел од нив останале без огревно и во екот на грејната сезона. Тие затоа се враќаат на опробаната практика дрва да купат преку нашето здружение – вели Ристоски.
Тој нагласи дека се уште немаат официјален договор со подружницата на Македонски шуми „Лопушник “од Кичево, по проблемите што се појавиле претходните години.
– Моравме да побараме помош од ЈП „Македонски шуми“ со кои во вторник ќе реализираме средба на која ќе ги прецизираме сите детали околу редовната испорака на огревно дрво за нашите пензионери. Според информацијата која ја добивме од ЈП, цената на огревното дабово дрво за еден кубик ќе изнесува 3.150 денари, додека кубик буково дрво ќе чини 3.050 денари. Времето на исплата на огревното дрво ќе биде како и претходните години на осум еднакви рати – додаде Ристоски.
Тој посочи дека динамиката на испорака ќе мора да биде запазена во целост поради огромниот интерес на кичевските пензионери, за тие да го добијат огревното пред почетокот на грејната сезона. З.А.