Вработените во ЈЗУ Здравствен дом Гостивар на кратко ја прекинаа работата и на протест искажаа револт од неисплатената плата за декември. Проблемот, како што со посочија е што нема кој да ги потпише налози, бидејќи се чека назначување на нов директор.
– Иако сите колеги низ републиката ги добија платите, нам за декември сé уште не ни е исплатена. Требааше до 10 јануари, а со ова сите рокови се пробиени. Проблемот е во тоа што не е донесена одлука и министерот за здравство нема назначено нов, иако огласот е завршен. Упатуваме апел до надлежните во ресорното министерство да најдат начин и во најкус можен рок да го реши проблемот. Во спротивно ќе преземеме порадикални мерки – рече претставникот на вработените Сафије Точи.
Дел од вработените на протестот посочија дека заради доцнењето на исплатата на декемвриската плата имаат проблеми со банките, бидејќи имаат подигнато кредити и веќе им течат казнени камати.
На протестот се пожалија дека не ја добиле поддршката од синдикалната организација и им бил вршен притисок да не протестираат.
Под ЈЗУ Здравствен дом Гостивар се службите за итна помош, патронажа, лабораторија, спортска медицина, превентивна стоматологија и вработените во возниот парк со близу 160 вработени.