Поучени од претходните неколку години кога се потешко обезбедуваа огревно дрво, кичевските пензионери годинава во голем број се определија да се снабдат со овој енергенс преку Здружението на пензионери. И во само два дена, поради зголемениот интерес, пополнет е бројот на пензионери кои ќе добијат дрва на осум рати.
– Иако очекувавме голем одзив на нашите пензионери да се снабдат со огревно дрво преку нашето здружение, сепак според одзивот, интересот е над сите очекувања и само за еден ден околу 70 проценти од планираните количества веќе се пополнети, и во само два дена целосно е пополнет бројот на пензионери. Свесни сме дека бројката може да биде и многу поголема, но соочени со искуствата од претходните неколку години, кога преку подружницата на „Лопушник“ ешко се обезбедуваше огревно дрво, одлучивме бројот на запишани пензионери да биде нешто помал, а дрвата за огрев да бидат испорачани во предвидениот рок – вели Влади Вељаноски од Здружение на пензионери – Кичево.
Тој напомена дека годинава висината на една рата е нешто повисока од лани и изнесува 2.750 денари за дабово дрво и 2.650 денари за буково дрво. Од Здружението потврдуваат дека испораката започна многу порано споредено со лани и од почетокот на март првата група пензионери го добија огревното дрво. Зголемената цена на дрвата се должи на трошоците за растовар кои се зголемени по барање на подружницата.
Пензионерите претежно запишуваат по пола камион, додека петнасетина пензионери одлучиле да запишат цел камион или 13 кубици, кога ратата е и двојно повисока. З.А.