Фото: М.М
Во организација на Регионалната стопанска комора „Пелагонија Преспа“, денеска во  Битола се одржа Македонско – Чешки бизнис форум.
На Форумот, на кој присуствуваа вицепремиерот за инвестиции Фатмир Битики, министерот за индустрија на Чешка, Јозев Сикела, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, претставници на чешки компании и македонски бизнисмени разговараа за развојот на бизнис соработката и можните економски партнерства помеѓу двете држави и можностите за продлабочување на соработката меѓу бизнисмените од двете држави.
Од страна на претставниците на бизнис делегациите беше нагласено дека досегашната соработка на бизнисмените од Македонија и Чешка е доста добра, но дека сеуште постојат неискористени потенцијали за уште подобра соработка, особено на планот на земјоделието, овоштарството, млечната индустрија, земјоделската механизација.
Во рамките на форумот се одржаа повеќе  средби и работни состаноци.
Во своето обраќање на Регионалниот форум, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски изрази посебна благодарност за активната вклученост на соработниците и претставниците од Регионалната стопанска комора, кои секогаш се силна и
неопходна поддршка за надминување на економските предизвици и
имплементација на иновативни решенија.
– Ваквата средба е од посебно значење за сите нас, пред се поради можностите за подобро запознавање, потенцијална соработка и секако економски раст преку отворен дијалог, размена на идеи, меѓусебна соработка и градење на силни партнерства кои водат кон одржлива и просперитетна иднина. Битола, навистина има многу што да претстави и понуди, како од аспект на изготвена документација за повеќе проекти, така и од страна на можности за потенцијални инвестиции, што секако ќе биде презентирано за време на средбата и очекувам да поттикне на дискусија, но и на нови форми на поврзување и споделување на знаења и искуства – посочи Коњановски.
На бизнис форумот, чешките компании ги претставија своите бизнис идеи пред македонските претставници, а од нивна страна се одржа презентација на проектот е-фарма.
М.М