Специфичностите и оригиналните елементи на џоломарските игри во Ресава и Бегниште
За џоломарите од етничкиот предел Тиквеш и нивната ритуална игра, заедно со строгите закони на маскирање во кои нема никакви импровизации и се е во својата изворна форма која опстојува со векови, Томе Крстевски виш кустос етнолог, изготви проспект чија промоција е закажана за денес во 11 часот во Музеј-галеријата во Кавадарци.
Проспектот е насловен како „Џоломарската игра во селата Ресава и Бегниште“ и претставува доволен предизвик да се прочита и да се дознае многу повеќе за василичарскиот обред во овие две кавадаречки села, кои низ годините успеале да ја задржат својата автентичност и претставува своевиден бренд на градот на сите карневали низ Балканот, каде џоломарите ги претставуваат Кавадарци и Македонија.
На промоцијата воедно ќе бидат премиерно прикажани секвенци од новиот документарен филм кој е во изготвување, на професионалниот снимател и фотограф од
Кавадарци Тони Коцев, кој воедно е автор и на насловната страница и дел од фотографиите од проспектот. Филмот кој е во продукција има тенденција да прикаже една поинаква страна од приказната на традиционалните џоломарски игри конкретно на џоломарската група од селото Ресава која во годините наназад е занемарена со оглед на фактор што џоломарската група од селото Бегниште уште во 2014 година го добива статусот на заштитено нематеријално богатство на Република Македонија. Во процесот на изготвување на овој документарен филм етнологот Томе Крстевски ја има улогата на стручен соработник.
– Џоломарската игра започнува ноќта меѓу 13 и 14 јануари, односно Василица, кога
селската заедница започнува да живее еден поинаков живот од вообичаениот. Само со
непосредно присуство на овој обред може да се почуствува неговата вистинска моќ и воедно да се разјасни дилемата зошто се задржал до денешен ден со истиот интензитет како што било во минатото. Ритуалните игри се проследени со комични елементи, исполнети со магиски дејства кои имале за цел да го избркаат лошото, а истовремено да донесат бериќет и благосостојба за годината што настапува, како во семејството така и на земјоделските насади односно лозјата. Самиот обред во селата Ресава и Бегниште во кој учествуваат исклучиво мажи започнува во еуфорична атмосфера симболично означена со татнежот на ѕвонците на џоломарите, палење на огнот слободните движења и „мрсните“ песни. Она што е карактеристично за џоломарите е нивната маска која е исготвена исклучиво од природни материјали. Мустаќи и брада изработени од крзно од коза или овца, ќулавка од козји шајак, пантолони од шајак, волнени чорапи и опинци додека од реквизитите се издвојуваат дрвениот бастун, фурката, кросното и ѕвонците кои можат да тежат и до 20 килограми. Во џоломарската група покрај џоломарите (караконџули) секогаш има невеста облечена во бело која ја најавува младата година која доаѓа и баба облечена во црно со вретено која ја симболизира годината која замнува, потоа магаричар смешно облечен член кој го води
магарето, лажна невеста , момче и магаре накитено со низи од суви пиперки (чушки) врз од пченка и сад за собирање ракија или вино заедно со дисаѓи за собирање на прехрамбените продукти – вели Томе Крстевски, виш кустос етнолог во Музеј-галеријата во Кавадарци.
По завршувањето на ритуалот и собирањето на даровите, групите се собираат средсело и започнуваат игрите: ората на правење на бука, но и пренесување на магијско дејство преку ударите на бастунот на посетителите на настанот со мисла „за здравје“. Вообичаено е секој автомобил кој ќе биде пресретнат на патот и посетител да мора да и плати на „невестата“ а таа да му бакне рака. Ритуалот на џоломарите продолжува и преку денот при што доаѓа до израз театралноста, травијалноста и блудот,се со една единствена цел, магија на плодноста, имитативна магија за унапредување на вегетативната плодност. Собраниот дар се дегустира во некоја куќа а собраните парични средства ги планираат за купување на нови реквизите и всушност се започнуваат подготовките за следната година и настапите на различни карневали.