Проблемот од пред три години, кога дел од патот за изворите и низ селото Свињиште се одрони и во функција остана само нешто повеќе од еден метар широчина, што не е доволно да се помине со автомобил ниту со запрежна кола, уште не е саниран. Свлечиштето им го отежна движењето на селаните од Свињиште кои преку овој пат одат во шумата, а истовремено патот води и до прочуените извори на минерална вода што ја користат како локалните жители, како и голем број жители од други општини и градови.
И покрај реакциите на месното население за санација и за враќање во првобитна состојба, патот, за жал сѐ уште е нефункционален.
– Во повеќе наврати сме се обратиле до локалната самоуправа со неколку барања меѓу кои се најважни следните: бараме да се асфалтира патот до црквата како и патот од влезот на селото од десна страна, каде што живеат десетина семејства, а најважното наше барање се однесува на санација на свлечиштето од патот што води до изворите со минерална вода што нашите соселани го користат и за транспорт на дрва од шумата. На нашите барања досега не е одговорено а тоа е причината нерешените проблеми и натаму да ги мачат локалните жители – вели Дарко Цветаноски, повремен жител на селото.
И граѓаните кои често ги посетуваат изворите на минерална вода не можат со автомобил да појдат поблиску до самите извори и се приморани на раце да носат тешки гајби полни со вода и друг вид амбалажа наполнета со минерална вода.
– Отсекогаш сме ја користеле минералната вода од Свињиште бидејќи сме почувствувале повеќе здравствени придобивки од нејзината консумација. Но последните три години свлечиштето на патот ни го отежна транспортот на минерална вода бидејќи автомобилот мораме да го паркираме подалеку од извориштето и на раце да носиме полни гајби со минерална вода повеќе стотици метри – вели Аце Јованоски жител на Кичево, кој исклучиво користи вода за пиење од изворите во Свињиште. З.А.