Фото: М.М.

Смртта на младо момче од битолското село Цапари, С.Т. (24), ја вознемири јавноста и ги вчудоневиди вработените во Клиничката болница во Битола каде што беше примено.

Вработените во Клиничката болница во Битола ни изјавија дека момчето било примено со многу висока температура, по што  веднаш било згрижено на одделот за интензивна нега. Иако лекарите конзилијарно го третирале момчето, неговата состојба од час во час се влошувала, па по речиси десет часа од хоспитализацијата починало.

С.Т. починал од тежок инфект, како што покажала обдукцијата во која се наведува и дека немало лекарска грешка.

– Наодот од обдукцијата покажал дека причината за смртта кај младиот пациент е ДИК или десеминирана интраваскуларна коагулација. Тоа е брзо трошење на факторите на згрутчување на крвта и доведува до неконтролирано крварење на многу органи и системи во организмот, а резултира со прогресивно создавање тромбози и микротромбози кај сите органи – изјави д-р Елизабета Ивановска, директорка на Битолската  болница.

Таа истакна дека момчето завчера било лекарски третирано и му била дадена
терапија, по што било пуштено дома. Но, ноќта меѓу вторникот и средата тоа повторно  добило  висока температура, по што  дошло до влошување на  состојбата. Во таква ситуација момчето  се вратило на болница  да се хоспитализира.

– За жал  наодите од направените лабораториски анализи беа доста лоши. Момчето беше примено во болницата вчера во утринските часови. Претходно тоа било високо фебрилно дома седум дена,  каде не било лекувано, бидејќи не се јавувало на лекар. Претходниот ден дошло на инфективно одделение, земени му беа брисеви, лабораторски испитувања  и било пуштено дома со терапија. Но, ноќта  повторно било високо фебрилно и вчера утрото беше примено на Интерното одделение
контактибилно, но, имаше многу лоши наоди од лабораторија. Го зедоа во службата за анестезија, бидејќи имаше целосен дисбаланс во организмот. Таму беше до 18
часот, но состојбата се влошуваше од час во час. Комплетно беше третирано со направени анализи на компјутер, глава, абдомен, торакс, повикани беа конзилијарно лекари од други одделенија на болницата. Го прегледаа доктори од Неврологија, Инфектологија, ОРЛ, Хирургија, Очно и други одделенија. Но, за жал момчето почина – ни изјави директорката на Клиничката болница во Битола, д-р Елизабета Ивановска.

Министерот за здравство Фатмир Меџити иницираше Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да изврши вонреден инспекциски надзор во Клиничка болница – Битола, каде почина 24-годишно момче.

– По утврдување на фактичката состојба и изготвување на извештајот од страна на ДСЗИ, јавноста навремено ќе биде информирана – соопшти Министерството за здравство. М.М.