По деветти пат, самостојната Кичевска коњаница Манастир Пресвета Богородица Пречиста ќе учествува на дефилето за големиот празник Илинден. Коњаницата својот пат ќе го започне утре (27 јули) а ќе го заврши на 2 август, со дефилето на кое ќе учествуваат коњаници од повеќе градови во земјава.
-Седумнаесет доброволци од Кичево, Демир Хисар и други места од регионот, ќе бидат дел од деветтата самостојната коњаница, која својот пат ќе го започне утре изутрина од манастирот чие име и го носи. Најпрво во 7 часот ќе биде отслужена литургија, додека во 9 часот ќе има полагање на заклетва во дворот на манастирот а ќе биде избран војвода на коњаницата. Истиот ден околу 14 часот се очекува коњаницата да пристигне во Кичево и по дефилето на булеварот „Ослободување“ ќе се упати во црковниот храм „Свети апостоли Петар и Павле“, каде ќе добие благослов од страна на свештениците од кичевското архиерејско намесништво .Коњаницата првиот ден ќе го заврши во селото на Јордан Пиперката, Козица, каде ќе биде пречекана со жива музика, а вечерта ќе учествуваат и вокални солисти и КУД „Бисер“ Кичево – истакна Христијан Трајаноски, доајен на кичевската коњица.
Тој додаде дека на 28 јули петок, коњаницата ќе ноќева во манастирот„ Свети Илија“ на Илинска планина, на 29 сабота вечерта ќе ја помине во Слепчански манастир, на 30 јули ќе ноќева во село Журче, од каде своето патешествие ќе го заврши во Крушево. Таму ќе биде дел од Илинденското дефиле. З.А.