Пред Илинден
Преполни чаршии, кафулињата и рестораните исполнети до последното место, а се бара и кревет повеќе во хотелите и кај приватните станоиздавачи. Слична слика е и на плажите, Охрид и Струга го живеат шпицот на туристичката сезона. Пред Илинденскиот викенд по традиција ги наполни двата езерски града.
Бројните ноќни забави, фестивали, музичко сценски перформанси во овој период од годината дополнитечно ги привлекуваат многубројните домашни и странски туристи, кои покрај забавата уживаат во природните убавини, културните знаменитости и чистата езерска вода на охридско-струшката ривиера. Покрај домашните, најбројни се туристите од соседството, Холанѓани, Полјаци, Турци…
Но јавната свест кај дел од нив е на ниско ниво, тоа го покажува сликата која ја оставаат зад себе со купишта отпад, остатоци и амбалажа од храна и пијалоци. Екипите на јавните комунални претпријатија се постојано на терен, во три смени и со зголемен број вработени ги извршуваат работните задачи за чистење на јавните површини и одржување на хигиената.
– Зголемен е бројот на вработени кои извршуваат работни задачи во три смени, секојдневно се врши празнење на сите корпи за отпадоци од јавни површини, а зголемена е динамиката на празнење на контејнери со цела можна работна сила и расположлива механизација. Со оглед на тоа што во овој период е констатирана поголема гужва, поставени се поголем број контејнери и корпи за отпадоци посебно во централното градско подрачје и по езерскиот кеј – информира јавното претпријатие „Охридски комуналец“, пренесува МИА.
Високите температури и големата гужва во градот ги зголеми повициите на Брзата помош. Со појачани тимови постојано интервенираат на колапси, инфаркти, но и пијани пациенти.
– Бројот на интервенции енормно е зголемен. Работиме со појачани тимови, а најчесто интервенираме на колапси, каснати од инсекти, инфаркти, инфузии, сообраќајни незгоди, како и на многу пијани, пред се млади лица. Најмладите алкохолизирани пациенти имаат само 16 години, а драстично е зголемен бројот и на ковид-позитивни – изјави за МИА дежурниот доктор во Брзата помош.
За безбедноста во градот се грижи полицијата, со посебен фокус елиминирање на можностите за нарушување на јавниот ред и мир.
– Во пресрет на Илинденските празници, активностите на СВР Охрид ќе бидат насочени кон одржување на, ионака, стабилната безбедносна состојба на целото подрачје со посебен фокус на јавниот ред и мир, пронаоѓање на сторители на кражби по плажи и домови и подигнување на безбедноста во сообраќајот и поставување сообраќајни пунктови на сите сообраќајници во градот, приградските и туристичките населби а посебно на авто патот во изградба Охрид-Кичево. Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, континуирано презема мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот – изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.