Фото: З.А.

Проблемите кои беа предизвикани од свлечиштето на патот кој водеше до минералните извори во село Свињишта конечно се надминати, свлечиштето е целосно санирано и граѓаните кои често навраќаат кај овие извори можат без проблеми да го поминат овој дел од патот. Проблемот е разрешен благодарение на инвентивноста на локалните жители кои за оваа потреба издвоија финансиски средства, а во реализацијата на овој проект се вклучи и општина Кичево.

– Не само што се санира свлечиштето на патот туку на целата површина кај минералните извори поставени се бекатон плочки и одводи, а се прават напори да се прошири и пешачкиот мост како би можеле граѓаните со автомобили да пристигнат до самото место – вели Борис Трајаноски, локален жител.

Тој во името на локалните жители апелира до сите оние кои ќе ги посетат изворите со минерална вода, да не ја продолжат досегашната практика амбалажата што не им е потребна да ја фрлаат во непосредна близина на изворите каде често во изминатите години се создаваше вистинска депонија.З.А.