Фото: З.А

Денес во претпладневните часови со учество на рекорден број на дечиња, во Кичево се одржа Бадниковата поворка 2024, со која се најави Рождеството на Синот Божји. Дечињата најпрво се собраа во црковниот храм „Свети Петар и Павле“ каде од страна на свештенството добија мали икони и фенери. На чело на поворката беше репликата од Исусовата пештера, а децата со ѕвездички во рацете тргнаа во обиколка на градот.

Граѓаните ги поздравуваа дечињата учесници на Бадниковата поворка и беа одушевени од глетката и многубројното присуство.

Фото: З.А
Фото: З.А

– Немам зборови со кои можам да ја искажам радоста што ја доживеав од глетката кога голем број дечиња од нашиот град со Исусова пештера на чело и со ѕвездички во рацете милозвучно ја пееја каландата „Вечниот Бог“ и го обиколија целиот град најавувајќи го раѓањето на Синот Божји – рече Ацо Стојаноски, кој е редовно дел од бадниковите поворки.

Граѓаните кои излегоа на улиците каде што поминуваше поворката им даваа на децата овошје и десерти.

Предводникот на Бадниковата поворка, Бошко Сарафилоски, беше презадоволен од начинот како децата ја пееја каландата „Вечниот Бог“ и од самиот чин Бадникова поворка.

Фото: З.А

– Годинава имавме рекорден број на деца учесници во Бадниковата поворка кои дисциплинирано го изодеа целиот пат и задоволни се вратија во црковниот храм. Оваа традиција добива се подлабоки корени во нашиот град, а за тоа потврда е големиот интерес на дечињата за учество во неа – нагласи Сарафилоски.

З.А