Реконструкцијата на градскиот плоштад во Кичево што започна во месец октомври изминатата година се одвива според планираната динамика и во наредните месец-два целосено ќе се финализира. За овој проект средства се обезбедени од ТАВ-програмата и неговата вредност изнесува 800.000 евра. Главен изведувач на градежните работи е компанијата „АС Сењак“ од Кичево, а во реконструкцијата како подизведувач е вклучена и компанија од Куманово.
– Реконструкцијата на градскиот плоштад во Кичево што ја започнавме во средината на октомври се одвива според планираната динамика и очекуваме до крајот на наредниот месец да се финализираат целокупните активности. Досега се поставени мермерни плочи на површина од 3.500 метри квадратни и за поставување преостанува површина од околу 1.000 метри квадратни. Ако не послужи времето очекуваме во текот на оваа календарска година Кичево да го добие еден од најубавите централни плоштади во земјава – рече Лупчо Матески од компанијата изведувач на работите, наведувајќи што уште треба да се сработи од предвидените содржини за проектот целосно да биде завршен.
– Покрај поставувањето на мермерни плочи на подлогата, во овој проект вклучено е и ново јавно осветление со лед светилки од кое дел е веќе инсталирано на површините каде се поставени мермерните плочи. Во завршницата од проектот следува и поставување на урбана опрема, клупи за седење и корпи за ситен комунален отпад, а во текот на пролетта на деловите каде што е планирано хортикултурно уредвање ќе бидат засадени нови цветни аранжмани – додаде Матески .
Со средства од ТАВ-програмата, покрај реконструкција на градскиот плоштад во Кичево, во полн ек е изградбата на градска капела за која се наменети 396.000 евра и реконструкција и изградба на нова општинска зграда за која од оваа програма ќе бидат потрошени 1.250.000 евра. З.А.