Фото: М.М.

Во Битола и натаму продолжуваат препукувањата и меѓусебните обвинувања меѓу градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и претседателката на Советот, Габриела
Илиевска.

– Советот на Општина Битола функционира беспрекорно во полн состав и капацитет. Советот ги носи сите одлуки кои се во негова надлежност, како на седници, така и преку работата на своите комисии и тела. Но, проблемот се појавува кога градоначалникот Тони Коњановски и неговата екипа се обидуваат да изигруваат
Совет и да наметнуваат свои желби и амбиции преку Советот. На моменти прават обиди да го заобиколат Советот, за на крај, откако Советот им даде јасно до знаење во многу наврати дека ваквото однесување е недозволиво и неприфатливо, да се обидат целата вина за нивната неспособност да раководат со Општината Битола да ја префрлат врз Советот – истакна на денешната прес- конференција, претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска, при што упати остри критики за работата и
однесувањето на Коњановски.

Таа го повика градоначалникот да ги реализира проектите што се изгласани од Советот на Битола и за кои се предвидени средства од општинскиот буџет.

– Го повикувам градоначалникот Коњановски да престане да се жали по прес-конференции дека Советот не му одобрил средства. Градоначалникот Коњановски најмалку треба да се жали дека немало средства за културните настани, кога истата програма тој ја предложи и самиот предвиде за културата да се издвојат 20 милиони денари, меѓутоа никој не му е виновен што тој во првите три месеци, по тоа што го видовме од кварталниот извештај, потрошил дури 16 милиони денари – истакна Илиевска на денешната прес-конференција, на која нагласи дека Советот ниту досега блокирал, ниту отсега ќе блокира добри проекти и одлуки за градот.

Коњановски возврати на таквите обвинувања.

– За резултатите од моето работење сведочат реализираните проекти. Тие се реалност во инфраструктурните проекти што се работат на 16 локации и реализацијата на општинските програми за уредување на градежно земјиште, програмата за економски развој, која се однесува на проектното планирање и подготовка на нови проекти, програмите за социјална заштита, спорт и млади, култура. За разлика од мојата работа како градоначалник и посветеноста на општинската администрација, веќе неколку
месеци сведоци сме на непочитување на законите и манипулации на штета на граѓаните, кои произлегуваат токму од претседателката на Советот на Општина Битола
Габриела Илиевска – нагласи на прес-конференција градоначалникот на Битола.

Тој притоа нагласи дека секогаш во неговото  работење имал доблест да изрази благодарност за одлуките кои ги носи Советот на Битола, но само кога преку позитивни
одлуки, Советот одлучува во интерес на граѓаните.

– Деструктивната политика, непознавањето на работата и законите кои се манифестираат од страна на претседателката Илиевска, не и даваат право да зборува и
носи заклучоци во име на целиот Совет, каде има исклучителни професионалци со високи познавања во различни области. Со целата моја посветеност во досегашниот период, упорно настојувам да им укажам на сите советници дека единствен начин за напредок на Битола е конструктивноста и оставањето на политичките амбиции настрана од интересите на градот. Како што многупати нагласив, нема да дозволам проектите да бидат заложништво на поединци кои за време на секоја локална самоуправа единствено што знаат е да критикуваат, наместо да даваат предлози и да управуваат. Критиките како самоодбрана не можат да ги излажат граѓаните, затоа што единствен доказ за успешноста е работата на терен – рече Коњановски.

Во врска со обвинувањата на опозицијата за прекумерното трошење на буџетските пари за културата, реагираше и ВМРО-ДПМНЕ.

– Во недостаток на аргументи, СДСМ продолжува со лични дискредитации, сатанизирање на уметници, пропагирајќи ја нивната позната теза дека културата во Битола се користи за перење на пари – рече на денешната прес-конференција советничката од ВМРО ДПМНЕ Анета Ѓоргиевска, која ја повика опозицијата јавно да излезе со докази за наводен криминал. М.М.