Со посна сарма, грав, риби, овошје, ракија, вино, денеска на плоштадот Александрија, Прилеп го одбележа патрониот празник Свети Никола.

На 17-ти годишнината од чествувањето на празникот домаќини беа Гордан Бошкоски и Коста Тошески од компанијата „Теракота Инжинеринг“, кои порачаа да се почитува традицијата, да се сплотат луѓето и да се обединат за да придонесат за просперитет на Прилеп. Утрото се одржа литургија во црквата св.Благовештение.

Митрополитот г. Петар порача да се почитува и да се одржува традицијата.

Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, честитајќи го празникот рече дека Свети Никола е посебен ден и добар патоказ за да ги чуваме корените.

– Традицијата претставува идентитет на секоја држава, а нешто што не прави горди нас како прилепчани е токму ова, чувањето и негувањето на вистинските вредности, верата, традицијата и историјата. Токму затоа нашата Локална самоуправа ќе продолжи да го развива актуелното творештво но исто така и да ги чува и негува локалните традиции и духовноста, обновувајќи го Прилеп како препознатлива дестинација во која ќе може секој гостин добронамерник да не посети и да го доживее духот на вековното традиционално наследство – рече Јовчески, посакувајќи им на прилепчани убав празничен ден, многу здравје и среќа.

Следната година домаќин ќе биде Ирена Јакимоска со фирмата „Комфи ангел”. Ка.М.