Прилеп е прогласен за „најзелена општина“ за 2021 година по повод Светскиот ден на животната средина. Прилеп со признанието се здоби во посилна конкуренција, а за нејзиниот избор влијаеле квалитетот на живот, иновативниот пристап и одржливоста кон постигнување ефекти на среден и долг рок.
Жирито од пет члена ја препознало општина Прилеп како успешна приказна за имплементиран систем за селекција и собирање на цврст отпад од врата до врата –
воспоставен во 2012 година и надградуван низ годините со цел да постигне покриеност од 75 отсто од домаќинствата.
Прогласувањето за „најзелена општина“ се случи денес во присуство на
претставници од ЕУ, на министерствата за животна средина и локалната самуправа. При тоа градоначалникот Борче Јовчески рече дека зачувувањето на животната средина е приоритет на ЕУ.
– Заслужена ни е наградата. Граѓаните заедно со администрацијата, со вработените во комуналните прептрпијатија, од пилот проект, направивме еколошка приказна. Граѓаните покажаа како може да се врши селекција. Околу 40 проценти од селекцијата на отпадот се врши низ градот. Само со вакви чекори, со селекција на отпадот ќе се заштити животната средина. Планирана е доизградба на фабриката за селекција на секундарен отпад, со што ќе бидеме пример за зачувување на екологијата. Од 2008 година започна прокетот, кој се надоградуваше и од 2012 се врши селекција на отпадот – рече Јовчески.
Дејвид Гир, шеф на мисијата на ЕУ, која го спроведе изборот, посочи дека Прилеп е позитивна приказна за најзелена општина.
– Прилеп демонстираше долгорочно третирање на комуналниот отпад. Овој проект се спроведува во партнерство на општината и граѓаните. ЕУ даваше и дава поддршка за селекција на отпадот. Наградата „најзелена општина“ е дел од кампањата на ЕУ за зачувување и создавање на животната средина во земјата. Ова е само дел од поддршката на ЕУ во Прилеп. Тука не само што сме го подржале селектирањето на отпадот, туку сме инвестирале и во изградба на пречистителна станица, но и за изградба на проектот кај Вештачкото езеро за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и за рехабилитација на куќите, со ромско население во населбата Тризла – посочи
евроамбасадорот Гир.
Според Министерството за животна средина грижата за чиста околина е приоритет на државата, која планира заедно со ЕУ да инвестира во изградба на регионални депонии.
По доделувањето на наградата, во општината сала се одржа и конференција на тема „Најдобра пракса за управување со комунален отпад – затоа што немаме резервна планета“ организиран од проектот финансиран од ЕУ „ЕУ за општините“. Ка.М.