Градската река во Кичево, Сушица, во чие корито последните десетина дена нема ни капка вода, што е во склад и со нејзиното име, претставува потврда дека Кичевскиот регион се наоѓа во долготрајна суша.
– Долготрајната суша и периодот без поинтензивни врнежи од дожд, придонесоа градската река во Кичево, подолг период да остане со суво корито. Врнежите од дожд кои повремено беа присутни во последните два месеца беа недоволни да ја навлажнат и сувата земја, а камоли и да го наполнат коритото на градската река. Бидејќи зимата беше сиромашна со снег тоа дополнително придонесе водотекот на Сушица до капка да се испразни, а и топлото време кое е присутно последните неколку месеци го зголеми испарувањето на водата, што дополнително придонесе за сувото корито на градската река – вели Петар Тренески жител од крајречната населба.
Сувото корито без вода ќе придонесе целокупниот жив свет во реката, што се состоеше од риби и жаби, целосно ќе изумре. А откако водата ќе се врати во речното корито таа подолг период ќе биде безживотна река – додава Тренески.
Последните десетина години Сушица целосно не пресушила дури ниту во најсушните години. З.А.