Пожарот што пред три дена избувна во Рабетинска Река не само што не е изгаснат туку истиот зема сѐ поголем замав и од ден на ден опожарените површини се сѐ поголеми. За да се спречи натамошно ширење на овој пожар во текот на денешниот ден се дејствуваше од земја и од воздух со помош на хеликоптери на МВР, кои до пладне имаа три налети врз опожарената површина каде што горат дабова и букова шума.
– Што се однесува до пожарите во Кичевско имаме добри и лоши вести. Најпрво да потсетам дека целосно се изгасени пожарите во селата Горно Страгомиште и реактивираниот пожар во село Зајас. Во исто време пожарот во Рабетинска Река се проширува на нови и нови површини. Ако претходно беше во реонот на селата Козичино и Патеец, истиот се прошири кон село Дупјани каде поради неговиот интензитет се доведуваат во опасност и куќите во ова село – истакна Артан Сејдини од ТППЕ Кичево.
Тој во продолжение ги наведе мерките кои се преземаат за негова ликвидација.
– За да се спречи натамошно ширење на пожарот и негово ликвидирање, во акцијата се вклучени покрај вработените од специјалната единица на ШС „Лопушник“ и два хеликоптери на МВР, кои до 12:30 часот во три наврати истурија по 500 литри вода на огненото жариште. Се очекува, во текот на денот, ако не дојде до смирување на огнената стихија, повторно да се интервенира од земја и од воздух- додаде Сејдини.
З.А.