На 40-годишнината од почетокот со работа на ООУ „Д-р Владимир Полежиноски“ Кичево, а на иницијатива на вработените и учениците од ова училиште, поставена е спомен-плоча на родната куќа на патронот.
Жителите од најблиската населба се задоволни што некој се сети да стави белег на родната куќа на еден од најпознатите синови на градот.
– На овој начин многу лесно сите што ќе поминуваат по улицата „29-ти Ноември“, како и намерници кои би сакале да го видат родниот дом на Полежиноски, ќе можат многу лесно тоа да го направат благодарениа на спомен плочата што ја поставија вработените и учениците што го носи името на Полежиноски. Можеби во блиска иднина ќе се создадат услови да се реновира оваа куќа и во истата да има трајна поставка за патронот, а ќе може тука да се одржува и историски час – вели Петар Тренески, жител на блиската населба.
На спомен-плочата пишува дека во знак на сеќавање на големите дела за нашата татковина, поставивме спомен плоча на која пишува дека од тука потекнува „Д-р Владимир Полежиноски“, политички секретар на кичевската организација на месните комитети на КПЈ, член на ГШ на НОВ и ПОЈ во Дебарца, а нагласено е дека има големи заслуги за подготовките на АСНОМ и изработка на актите на ова заседание, како и дека бил и член на Президиумот на АСНОМ и негов втор секретар. З.А.