Интензивните врнежи од дожд што беа присутни во земјава последните неколку дена, придонесоа водостоите во кичевско-бродскиот регион значително да пораснат, но засега не постои поголема опасност од нивно излевање и предизвикување на поплави.
Своето корито го наполни и градската река во Кичево, Сушица, која до пред неполн месец имаше суво корито. Деновиве нејзиното корито е полноводно, што е добар знак дека овие дождови поволно се одразија врз хидрологијата во овој дел од земјава.
Зголемениот водостој на овие водотеци придонесе и нивото на реката Треска драстично да порасне.
– Реката Треска ја подобри својата хидрологија последните неколку дена а за тоа најголем придонес имаа обилните врнежи од дожд кои го зафатија регионот. Треска од нулта кота измерена последните неколку месеци, денес се искачи на кота од 70 сантиметри, што е добар знак дека овие води ќе придонесат да се подобри хидрологијата и на езерото Козјак, но најважно од се е што измерените вредности се далеку под вредностите кои значат опасност од излевање на реката и предизвикување на поплави.За да се случи нејзино излевање, потребно е водостојот да се искачи на кота 140, што засега е недостижно бидејќи врнежите од дожд престанаа а со тоа и водостојот на Треска ќе почне благо да опаѓа – истакна Миле Стојкоски од РЦУК Македонски Брод. З.А.