Фото: З.А.

Од утре до вторник, 5 јули, во Кичево ќе се одржи петнаесеттото издание на фестивалот на игра и песна „Д-рВладимир Полежиноски“. На фестивалот ќе земат учество фолклорни ансамбли и групи од земјава, Романија, Турција, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Косово. Целокупната програма ќе се реализира на платото пред Домот на културата „жочо Рацин“ со почеток од 21 часот. Овој фестивал е финансиски поддржан од Министерството за култура, а во организација на Центарот за култура.

Фестивалот ќе го отвори домаќинот, КУД „Рацин“, Кичево. Потоа ќе настапат друштвата „Курбин“ од Република Албанија, КУД „Борока“ од Романија, Младинскиот културен центар од Приштина, ансамблот „Куфат“ од Измир, Турција, МКЦ Драч и КУД „ТУЗ“ од Црна Гора. Втората вечер ќе се претстават КУД „Шпати“ од Елбасан, „Беломорски здив од Бугарија, КУД „Младост“, Кичево, а во програмата втора вечер ќе земат учество и ансамблите „Куфат“ од Турција и „Борока“ од Романија.

-Завршната вечер на сцената ќе се појават ансамблот „Лиљан“ од Скопје, „Звуците на татковината“ од Косово, КУД „Бисер“ Кичево, а по втор пат ќе се појават и „Беломорски здив“ од Бугарија. Како и на отворањето, и на затворањето ќе настапи домаќинот на фестивалот КУД „Рацин“ Кичево – истакна директорот на Центарот за култура, Мазлам Османи.

Фото: З.А.

Фестивалот е проект кој има за цел да го збогати фолклорниот и култруно-уметнички живот во Кичево, како и запознавање на гостите со традицијата, корените и афирмација на македонското културно наследство. Воедно со културата на земјите учеснички на овој фестивал ќе бидат запознаени и локалните жители и учесници на фестивалот.

З.А.