По две-три сиромашни години со снег, годинава уште кон крајот на ноември во Кичево и Порече падна првиот снег. Додека возрасните се соочуваат со проблеми околу проодноста на патиштата, младите се пресреќни што ќе имаат можност да уживаат во белата покривка. Во Кичево снегот почна да врне доцна претпладне и до овие моменти во градот и пониските места висината на снежната покривка изнесува 5-10 сантиметри, додека во ридско-планинските места висината на снежната покривка е повисока и изнесува од 10-20 сантиметри. Поради влажноста на снегот сообраќајот се одвива отежнато, а најголеми проблеми се создадени на планинските превои Стража и Пресека.
-Децата како едвај да го дочекаа првиот годинешен снег, бидејќи претходните зими беа исклучително сиромашни со бела покривка. Уште при првите снегулки ги побараа санките за барем малку да можат да уживаат на снегот. Се надеваме дека овој снег нема да биде единствениот годинава, туку дека ќе имаме побогата зима со снег за повеќе радости на најмладите и за надминување на водната криза каква што се случуваше во последно време -вели Петар, жител на Кичево, кој на една санка ги возеше двете мали деца.
Покрај влажните коловози проблем на жителите во селата од овој крај и Порече, им создаваат скршените гранки и стеблата кои под товарот на тешкиот снег се надвиснати над патиштата. З.А.