Во присуство на дипломатскиот кор, претставници на Министерството за надворешни работи и локалната власт во Прилеп беше отворено почесното конзуларно претставништво на Украина во Република Македонија. Функцијата почесен конзул на Украина ќе ја извршува Сашо Наумоски, генерален директор на Витаминка, стопанственик кој долги години придонесува во развивање на економските релации меѓу двете земји и истакнат член на заедницата.

Амбасадорот на Украина Лариса Дир посочи дека на Сашо Наумоски му беше доделена честа да биде почесен конзул на Украина, бидејќи се посветил на промоција на Украина.

– Ние имаме чест што токму таков човек ќе ја посвети својата енергија и знаење на извршување на функциите на Почесниот Конзул на Украина, исто така имајќи го предвид фактот дека од моментот на инвазијата од големи размери во Украина, г-дин Сашо уште од првите денови ѝ помага на Украина. Заштитата на интересите на Украина, граѓаните на Украина и нејзините правни лица во земјата домаќин во границите дозволени со меѓународното право не е лесна задача. Наумоски ќе го претставува украинскиот народ, кој веќе триста педесет и деветти ден се бори за своето право на живот, територијална независност и правото да остане суверена држава во нејзините меѓународно признати граници – рече украинската амбасадорка Лариса Дир во своето обраќање на почесниот конзулат.

Наумоски ја искажа големата чест што му e дадена и одговорноста на задачата.

-Да се претставува земја која во моментов се соочува со воена агресија е голема одговорност бидејќи довербата што ми се дава во вакви моменти е навистина знак на голема почит. Во овие времиња да се биде пријател е голема чест, да се даде доверба е доблест, а јас во моментов ги имам двете од страна на Украина. Тоа ме става пред уште поголема одговорност и обврска како почесен конзул на оваа земја, да придонесам за зацврстување на релациите и размена на позитивните вредности. Ќе се обидам да направам сѐ за да се подобрат релациите меѓу двете земји. Сигурен сум дека моите контакти, позицијата во општеството ќе придонесе за подобри економски односи и секако да помогнеме онаму каде помошта е навистина неопходна –рече почесниот конзул Наумоски, на отворањето на конзулатот, кој е прв во Прилеп.

Дипломатските односи меѓу Украина и Македонија беа воспоставени во 1995 година, а дипломатското претставништво на Украина е отворено во 2000 година за веќе следната година да биде отворена Амбасадата на Украина во Република Македонија. Меѓу двете земји е разменет и Договор за пријателство и соработка, со кој се дефинираат основните принципи и насоки на развој на билатералните односи.

Ка.М