Со црковно-народна свеченост денес во село Видрани кичевско, беше осветен новоизградениот црковен храм „Свети Јован Крстител“, чија изградба започна на 30 август 2014 година. Чинот на осветување го извршија свештеници од кичевското архиерејско намесништво.
-Црковниот храм е изграден на местото каде што традиционално во нашето село се врши примопредавање на кумството за верскиот празник Водици. Овој храм е изграден на иницијатива и по сон на еден од локалните жители. Покрај новоизградениот храм нашето село има уште една црква која го носи името на „Свети Никола“, светецот кој го слави нашето село – истакна Наќе Николоски, еден од најзаслужните за изградба на овој црковен храм.
Николоски додаде дека фрескоживописот е дело на уметницата од Скопје, Елена Панзова, додека иконостасот е дело на копаничарите Злате и Јане Крстески од Битола по потекло од кичевско. З.А.