Во Кадино село, Прилепско, денеска беа одбележани 120 години од смртта на Методи Патчев.
Преку рецитали, песни и реферат учениците од ОУ „Страшо Пинџур“ потсетија на големото револуционерно дело на Патчев, како и на денот кога тој загинал заедно со својата чета.
По повод 120 годишнината од смртта на револуционерот, цвеќиња на гробот на Методи Патчев положија претставници од Општина Прилеп, Совет на Општина Прилеп, претставници од ООУ „Страшо Пинџур“, претставници од политичките партии, патриотски здруженија и почитувачи на неговиот лик и дело.
Панихидата во чест на великанот Методи Патчев изврши Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Петар.
Методи Патчев е роден на 14 мај 1875 година во Охрид, а загинал откако бил предаден во 1902 година во Кадино Село, бранејќи ја Македонија од турскиот аскер.
Со песна, после 24-часовна борба, Методи Патчев и неговите соборци со последните куршуми извршиле групно самоубиство. Ка.М.