Денес на планината Лопушник во месноста Јама и на врвот Стог каде е подигнат споменик во чест на поетот, беше одбележана 79-годишнината од смртта на творецот на „Бели Мугри“, Кочо Рацин.
На чевствувањето за Рацин, на Лопушник беа делегации од општината каде што е роден Рацин, Велес, предводена од градоначалникот Марко Колев, од општина Кичево каде што се наоѓа планината Лопушник и голем број почитувачи на животот и делото на поетот.
Од страна на општина Кичево присутните на ова чевствување ги поздрави претставникот на општината, Михајло Петрески.
– Почитувани подржувачи на ликот и делото на Кочо Рацин, добродојдовте на одбележувањето на 79- годишнината од смртта на нашиот поет и револуционер Коста Солев Рацин.
Рацин беше македонски поет, раскажувач, есеист, публицист, филозоф, општествено политички деец, историски истражувач и партизански борец.
Иако самоук, тој е еден од најистакнатите македонски интелектуалци во периодот помеѓу двете светски војни, еден од основоположниците на современата македонска литература.
Познат е по својата збирка песни „Бели Мугри“. Освен поезија, Рацин пишува и проза и има неколку значајни трудови од областа на литературната критика, филозофија и историја – рече Петрески и нагласи дека во мај 1943 година Рацин станува уредник, лектор и коректор на првата македонска печатница „Гоце Делчев“.
– На 13 јуни 1943 година на денот кога е отпечатен првиот дел од првата стихозбирка „Македонски народно-одлободителни песни“ Рацин загинува токму тука на слободната територија на Лопушник, каде што ние денес го чевствуваме -додаде претставникот на општина Кичево.
Пред полагањето на свежо цвеќе на спомен-обележјето и пред споменикот на врвот Стог, со аплауз од сите присутни беа поздравени четворицата маратонци, кои во период од шет дена истрчаа ултра- аратон од 150 километри на релација од Велес до планината Лопушник.
З.А.