Едно од најважните прашања во борбата за еднакви можности е прашањето за економска независност и самостојност на жените и нивно рамноправно учество во креирањето на јавните политики, донесувањето значајни одлуки кои ќе го подобруваат
квалитетот на целокупниот живот во заедницата.
Во изминатиот период, општина Битола, со поддршка од своите соработници организираше повеќе обуки наменети за економско јакнење на жените.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес им ги додели сертификатите на учесничките, кои успешно ги завршија предвидените обуки.
– Општина Битола одржува традиционално одлична соработка со UN WOMEN, ние сме општина која што има формирана интерсекторска група за унапредување на еднаквите
можности и општина која особено се грижи да донесува и креира родово сензитивен буџет. Оваа обука, повторно беше резултат на нашата добра соработка со UN WOMEN, а огромна благодарност и до CEED, кои што непосредно ги спроведоа обуките.
Економското јакнење на жените, е една од најважните алатки во овозможувањето
еднакви можности за жените, па затоа сметам дека спроведувањето на обуките за развој на вештини за вработување, за развој на претприемнички и менаџерски вештини, за дигитален маркетинг и за развој на бизнис идеја и бизнис план, се повеќе од неопходни и вистински корисни – рече градоначалникот Коњановски, кој истакна дека Општина Битола, во 2023 година предвидува и директна поддршка за развој на женското претприемништво. М.М.