Денеска почна да се гради цевководот за снабдување со вода на селата Бач, Брод, Живојно и Добровени. Проектот чини 27.604.929 денари од кои Општина Новаци од својот сопствен буџет ќе обезбеди 1.331.879 денари.

– За жал и во 21 век сѐ уште се соочуваме со немање на основни услови за егзистенција како чиста вода за пиење во некои од населените места во Општина Новаци. Денес го продолжуваме проектот со кој се надевам дека конечно ќе се надмине проблемот со водоснабдувањето на селата Бач, Брод, Живојно и Добровени. Имено, овој проект е започнат во 2009 година кога бил изграден примарен цевковод од Гермијан до местото каде што се наоѓаме денес, во должина од пет километри. Во 2013 година се аплицирало до Министерство за транспорт и врски за изградба на цевковод за
водоснабдување на овие села, но проектот стагнирал поради немањето на соодветен извор на водоснабдување се до добивањето на дозвола за приклучок на мрежата на Водовод Битола – рече Стевче Стевановски, градоначалник на Општина Новаци.

Средствата за реализација на овај проект се обезбедени од грант согласно договорот за финансирање помеѓу Македонија и Европска инвестициона банка за проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“ во врска со Законот за задолжување на РМ со заем од ЕИБ и одлуката за распределба на средства од истоимениот
договор.

– Денес заедно со градоначалникот Стевановски започнуваме со градежни активности за изградба на цевковод за снабдување со вода на селата Бач, Брод, Живојно и Добровени. Станува збор за голем комунален проект чија документација ја изработивме во министерството за транспорт и врски и опфаќа две фази. Во оваа прва фаза која денес ја започнуваме ќе се направат  изведба на доводни цевководи заедно со пумпни станици и одградба на  резервоар за неселениете места Бач и Живојно. Дополнително понатаму во фазите кои ќе следат ќе се градат секундарни водоводни мрежи низ селата Бач, Брод Живојно и Добровени како и резервоари за водоснабдување за противпожарни потреби. Инвестицијата за оваа прва фаза изнесува 27,5 милиони денари од кои 26.2 милиони денари преку буџетот на Министерството за транспорт а Општина Новаци учествува со свои средства во висина од 1,3 милиони денари – рече
Благој Бочварски, министер за транспорт и врски. М.М.