По долго исчекување манастирот „Свети Ѓорѓија Победоносец“ во село Кнежино ќе добие нова најсовремена камбанарија која се очекува целосно да биде завршена до крајот на летото.
Камбанаријата е проект на архитектот Ристе Лазароски а изведбата ја врши компанија од Тетово.
– Со несебична помош на митрополитот Дебарско-Кичевски Г-дин Тимотеј, во манастирот „Свети Ѓорѓија“ во село Кнежино ќе биде изградена нова камбанарија која почна да се гради во текот на ноември минатата година, а очекуваме целосно да биде завршена до крајот на летото и до почетокот на есента истата да биде и осветена, а од нејзиното ѕвоно гласот да допре до целата кичевска котлина – рече сестра Софија, старешинка во овој манастир.
Инаку во изминатите децении во манастирот служеше старата камбанарија изградена од дрво и истата нема да биде срушена туку ќе остане како траен експонат.
Сестрата нагласи дека за прв пат годинава манастирот ќе има двајца кумови.
– За претстојниот празник, Ѓурѓовден во манастирот „Свети Ѓорѓија“ за прв пат се избрани двајца кумови по еден од Кичево, Венцислав Божиноски и еден од Скопје. Ова е нова практика, а гостинот од Скопје го заслужи овој избор бидејќи во повеќе наврати го помагаше манастирот и како награда за тоа е и годинешното кумство – додаде сестра Софија.
З.А