фото: Зоран Антоски

Вештачкото езеро што почна да се формира на просторот од поранешниот рудник за јаглен „Осломеј-запад“ наскоро ќе биде финализирано, по што на релативно мало растојание ќе се добијат две вештачки акумулации, кои се очекува да придонесат за развој на туризмот и спортскиот риболов во општината.

Информацијата ги израдува спортските риболовци од регионот и целата земја, а близината на магистралниот пат до овие езера, во целост ќе го променат имиџот на кичевскиот регион. Со формирањето на овие езера се реализира визијата на поранешните први луѓе на „РЕК Осломеј“ за формирање на вештачко езеро на поранешниот површински коп, кој беше отворен пред четири децении.

фото: Зоран Антоски

Спортските риболовци од Кичево, пред сѐ членовите на спортско- риболовното друштво „Хантер-Фиш,“ со задоволство ја примија оваа вест.

– За нас членовите на спортско-риболовното друштво „Хантер –Фиш“ ова е најпријатната вест што ја имаме добиено последните неколку години. Ако до вчера во блиската околина немавме соодветни услови за рибарење бидејќи реките се преполни со секаков вид отпад и се речиси мртви, за кусо време ќе имаме два езерски бисери на една микро-локација, кои драстично ќе го променат имиџот на нашата регија, бидејќи со уредувањето на крајезерскиот појас и изградба на соодветни објекти, ќе бидеме вистински магнет за спортски риболов и уживатели на убавата природа. Очекуваме транзитерите кои поминуваат низ Кичево, овој пат, барем накратко да поминат крај овие езера и да се уверат во нивната убавина и таа традиција на дружба да им премине во навика – вели Мире Ночески, член од потесното раководство на спортско-риболовното друштво „Хантер-Фиш“.

Според проценките на риболовците новата езерска акумулација ќе биде двојно подолга од претходната ,додека според ширината ќе биде еднаква на онаа од постечкото езеро. Откако целосно со вода ќе се исполни оваа депресија ќе се изградат пристапни патишта и боксови за спортски риболов.