Од пописот што беше спроведен во 2002 година до изјаснувањето во септември минатата година година, резидентното население во општина Кичево е намалено за 17.000, бројка што беше очекувана имајќи го во предвид континуираното иселување на населението во странство и во главниот град, се помалиот број на новороденчиња и зголемениот морталитет.
– Откако Државниот завод за статистика ги објави бројките, воопшто не беше изненадување што бројот на резидентно население во општина Кичево за неполни две децении се намали за 17.00 – од 56.734 жители попишани во 2002 година на 39.663 жители според последниот попис – истакна дипломираниот економист Младен Ванчоски, кој континуирано ја следи популациската состојба во општината.
Тој го посочи иселувањето на младите како еден од факторите за намалувањето на популацијата на Кичево.
– Следејќи го трендот во нашата општина, лесно воочливо беше дека има осипување на месното население. Изминативе децении голем број, пред се млади, ја напуштија државата и се упатија на запад или во главниот град. Тоа придонесе во општината да остане се постаро население, а како последица од овој факт, континуирано се намалува бројот на новороденчиња и од некогашните близу 1.000 новороденчиња, во претходните години бројот на новороденчиња едвај ја достигнува бројката од 200-300.
Трета причина за намалување на бројот на резидентно население е се постарото население во општината, што предизвика зголемена смртност, а за тоа придонес има и коронавирусот, бидејќи во последните две години смртноста е драстично зголемена-додаде Ванчоски и констатира дека состојбите и натаму ќе се влошуваат ако во земјава не се преземат решителни чекори за намалување на иселувањето, како кон надвор така и внатре.
Тој Наведе дека рамномерниот економски развој е основа состојбите да се променат на подобро. З.А.