Актуализирањето на проблемот со присуството на мечките во регионот на мијачките села, но и во околните региони, ја наметна потребата од преземање мерки за превентивна заштита. За таа цел, Владата усвои специфични мерки, за кои надлежните веруваат дека би требало да донесат извесен резултат, најнапред да донесат спокојство меѓу граѓаните што живеат или престојуваат на подрачјата каде што е забележано раздвижување на дивите животни, а потоа со мерките да се обезбеди подолгорочна заштита на имотите на граѓаните и да се намалат или целосно да се оневозможат штетите причинети од наездата на
мечките.Оваа појава не е нова. Истражувајќи ја темата, во редакцијата се врати сеќавањето на нашиот долгогодишен соработник за голем број интересни случки за кои во минатото пишувал токму на страниците на „Нова македонија“
Стории од минатото и сегашноста: Мечките од Западна Македонија
Жителите на Долна Река и Мијачијата, последниве месеци реагираа со вознемиреност барајќи од надлежните да ги заштитат од заканата и штетите што ги причинуваат мечките, но секако и од стравот што го преживуваат поради нивното зголемено присуство. Забележано е дека мечките во вечерните и ноќните часови влегуваат слободно и шетаат низ селата, упаѓаат во дворовите, бараат храна и не само што нанесуваат материјални штети туку реално на жителите им влеваат страв.
Долго време од надлежните државни институции немаше реакции на јавниот повик на жителите, дури се доби впечаток дека тој не допира до нив бидејќи не презедоа никакви активности. Конечно, пред некој ден Владата на редовна седница го разгледа барањето на Општина Маврово и Ростуше да прогласи т.н. вонредна состојба во општината. Барањето го одби, но ги разгледа и ги усвои превентивните мерки предложени од Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по што беше изразено очекување за ефикасна примена на мерките. Во соопштението на владината прес-служба се вели:
„Во најкраток временски период да се отстранат сите ѓубришта во близина и во селата, коишто ги привлекуваат мечките. Локалната самоуправа, во соработка со јавната установа Национален парк Маврово, да пристапи со чистење на дивите депонии од сите населени места, како и од локалните патишта“.
Исто така, ќе се врши контрола на сите придружни објекти во кои се чува храна и се лесно достапни, за да се затворат со безбедносна метална ограда; надвор од населените места да се обезбедат хранилишта за мечки; да се заштитат имотите, особено на местата каде што се чуваат добиток, пчели и друго, со стандардизирана опрема со електричен напон; да се употребат превентивни средства за заплашување и одвраќање, како и организирана употреба на средства за заплашување на мечките.
ГЕНЕРАЛЕ, ИСПРАТИ ВОД ВОЈНИЦИ ДА НИ ГО ЧУВААТ ИМОТОТ ОД МЕЧКИТЕ!
Овој последен пример ги врати сеќавањата дека со децении жителите во регионот на Мијачијата, Долна и Горна Река, имаат проблем со мечки и со друг месојаден и сештојаден дивеч. Од ловечките друштва беа организирани и се организираат хајки за уништување на т.н. крволочен дивеч, а мечките со закон се заштитени. Ако се утепа мечка, сторителот на суд кривично одговара и казната е висока. Само со судска пресуда може да се утепа мечка, ако за тоа бидат исполнети одредени услови. Добрите познавачи на оваа проблематика мислат дека една од причините за зголеменото присуство и појавување на заштитените мечки низ населбите во Општина Маврово – Ростуше е нивниот зголемен број, што се движи меѓу 160 – 180. Исто така, негативно се одразува што годинава на планините родот на жир, овошје – јаболка, круши, цреши, дренки и друго, го нема, а тоа им беше храна.
Во мојата над 55-годишна кариера како новинар, во мојата меморија и архива, паметам дека жителите на регионот речиси постојано имале немир и страв, како и претрпени материјални штети од мечките, но, за среќа на сите, не биле регистрирани човечки жртви. Во новинарската архива остана особено впечатливо едно искуство од пред педесетина години.
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Никола Минчев, со делегација, во септември 1972 година, беше во тридневна посета на селата во Мијачијата и во Долна Река за да се запознае со проблемите со кои се соочува населението во овој пасивен ридско-планински и пограничен регион. Првата посета ја имаше во легендарниот Галичник. Во неколкучасовните разговори, галичани го замолија да се ангажира да ја поддржи иницијативата на локалното население да се асфалтира локалниот пат од селото Маврово до Галичник, во должина од 15 км, со што ќе започнат ревитализацијата, односно обновата на напуштените и руинирани куќи и изградбата на нови. Како и за други второстепени проблеми не беше заобиколен и проблемот со штетите што ги трпат од дивечот.
Потоа, претседателот Минчев, со соработниците со автомобили замина за селото Лазарополе, кое се наоѓа на другата страна на планината Бистра. Со командантот на Скопската армиска област на ЈНА, генерал-полковник Васко Карангелевски, народен херој на Југославија, пешки по козји патеки одевме за селото Лазарополе. Во селото Тресонче направивме мал одмор. Десетината постојани жители на селото, повеќето од нив пчелари, присуството на високиот воен гостин го искористија да му се пожалат и да побараат помош.
– Генерале, имаме големи проблеми со мечките, речиси секоја ноќ се неканети гости во селото, ни ги напаѓаат пчеларниците, влегуваат во дворовите и ни причинуваат големи материјални штети. Се обидуваме со тропање на канти со викање, со гламни да ги бркаме. Но тоа не е живот во овој прекрасен крај. Другар генерале, ве замолуваме да ни испратите вод војници да нѐ чува и да нѐ заштити од мечките – се пожалија и побараа помош селаните.
И на средбата во селото Лазарополе, на која присуствуваа претставници на селата Гари, Могорче, Росоки, Селце, селаните ја запознаа високата републичка делегација со проблемот со присуството на мечките и штетите што ги трпат и побараа помош за негово решавање.
МЕЧКИТЕ ЛУЃЕ НЕ НАПАЃААТ!!!
Колегата Марко Черепналковски, спортски новинар, редактор, коментатор на весникот „Нова Македонија“, беше меѓу ретките галичани што викендите ги минуваа во Галичник, во кој ги наоѓаше својот мир, спокој, задоволство… Во месеците кога патот низ планината Бистра беше непрооден од снежни навеви, Черепналковски пешки доаѓаше пешки од Јанче преку Скала. Од Скопје со автобус во петок во вечерните часови пристигнуваше во селото Ростуше, ноќта ја минуваше во куќата на фамилијарните децениски пријатели, а следниот ден, кога сонцето ќе изгрееше, пеш тргнуваше за Галичник. Негов верен сопатник му беше колегата од „Вечер“, Теодор Стефанов–Тошка. Безброј случки, згоди и незгоди им се случуваа, една од нив ги уплашила, ги вознемирила, а како што говореа – ги „здрвила“. Присебноста и итрината ги спасиле да не им се случат несакани последици.
– Во средината на март 1986 година, само што пролета почна да се буди, со Тошка, како вообичаено, се одморавме кај Софино чешмиче, половина пат меѓу Јанче и Галичник. Од ранецот го извадив појадокот, сонцето нѐ галеше, дувкаше и ветерче, јадењето ни беше многу слатко. Пред тоа се напивме по две-три ракии и студена вода. Се подготвувавме да го продолжиме пешачењето. Тошка ја подигна главата кон ридот и тивко ми рече: „Мечка, на десетина метри е над нас“. Ја завртев главата, мечката мирно нѐ набљудуваше. Јадењето го оставивме на плочникот, ранците на рамо и пополека се оддалечувавме од чешмата. По стотина метри, се свртевме, мечката беше на нашето место и ја јадеше храната што ја оставивме – ми раскажуваше Марко.
НЕПОСРЕДНА СРЕДБА СО МЕЧКИ
Како новинар патописец, во сите годишни времиња ги посетував и сѐ уште ги посетувам планинските предели и селски населби на планината Бистра. Стогово, Дешат, Кораб, Шар Планина, Сува Гора, Буковиќ и сум имал блиски „средби“ со дивеч, меѓу нив и со мечки, а приказни за згоди и незгоди слушав од пријателите и другарите.
На Преображение, 19 август 1986 година, во утринските часови со братучед ми Русе Ќипроски, со автомобилот тргнавме за Галичник, да присуствуваме на реосветувањето на црквата „Св. Петка“ во месноста Старо Село, каде што пред речиси еден милениум се наоѓал Галичник. Браќата Илија, Благоја, Васе и Филип Филиповски, родени галичани, живееја во Скопје, им го исполнија аманетот на родителите, ја обновија и ја реосветија црквата. На осветувањето присуствуваа над 1.000 гости од Мијачијата, Скопје, Гостивар и од други места. Пред да пристигнеме на Царева чешма, што се наоѓа на половина пат меѓу селото Маврово и Галичник, на неколку метри, патот ми го „пресекоа“ возрасна мечка и две мечиња. Застанав, минаа по асфалтот и ги снема во шумата. И други присутни на реосветување на црквата ми раскажаа неочекувани средби со мечки, само страв што имале, друг проблем немале.
Блиски средби сум имал повеќепати, пред возилото ми поминувале мечки под долнореканските села Скудриње, Жировница, кај составот на реката Радика, месноста Трница…
Во изминатите стотина години, како што ми раскажувале моите дедовци, возрасни галичани, како и во другите населени места, секогаш имало мечки. Но како годинава да шетаат низ селските улици во ноќните часови низ Галичник, Жировница, Богдево, Кракорница, Трница и во други села, немало. Не се памети да напаѓале луѓе и некој од нив да настрадал. Најмногу штети им прават на пчеларниците. Волците се крволочни животи и многу материјални штети прават на добитокот, ситниот и крупниот, влегуваат во трло и уништуваат по неколку десетина и повеќе грла добиток.
Мерките за заштита од мечките во Општина Маврово – Ростуше што ги донесе Владата, населението ги прифати и со нивно спроведување очекуваат да им се вратат мирот и спокојот.