Крива Паланка испишува уште една новогодишна бајка, а од Општината веруваат дека несомнено ќе биде најубаво новогодишно украсен град во Македонија. На фотографиите кои ги објави општината Крива Паланка личи како светски град, или како што жителите си го нарекоа – бајкоград. За тоа како е можно во време на криза да се трошат општински пари, односно колку ќе ја чини градската каса ова задоволство, градоначалникот Сашко Митовски вели „ништо“.
-Општинската каса не ја чини ништо. Сите пари за украсувањето се обезбедени преку спонзорство од домашни и странски фирми. Кога велам странски, мислам на фирми на наши иселеници кои потекнуваат од Крива Паланка и околината, а голем дел од нив за Нова Година си доаѓаат дома. Така беше лани, кога им се допадна како беше накитен градот, ми рекоа дека се презадоволни и дека следната година би сакале и тие да учествуваат во украсувањето. И си го одржаа зборот. Затоа оваа година е уште поубаво украсено од лани. Украсувањето чини вкупно 12.000 евра, без да се потроши ниту денар од градската каса. Цел град е украсен, не само плоштадот. Има поубава и поголема елка, има куќички за греано вино, кафе, чај, колбаси, мекици, новогодишни украси и се што е потребно за забава – вели Митовски.
Во Крива Паланка не ги кријат амбициите да имаат најатрактивен град за предновогодишната забава, па планирани се и повеќе преднововогодишни концерти.
-Ќе има гостување на музички ѕвезди. За разлика од Скопје во Крива Паланка ќе дојде Дедо Мраз за радост на најмалите. Комплетниот список за сите забави, кој се ќе учествува се уште не е готов. Сакам да ги направам среќни граѓаните. Доаѓаат во Скопје и велат колку било мрачно и тажно и навистина ми е желба да уживаме сите заедно. Ако тие се среќни и јас сум – порачува градоначалникот Митовски.
Фото: Општина Крива Паланка