Откако Министерството за финансии го врати ребалансот на Општина Битола на доработка и истиот не го вчита, градоначалникот на седницата ан Советот, која ќе се одржи кон крајот на месецот ќе излезе со речиси нов ребаланс во кој ќе бидат вградени во најголем број амандманите на советниците од т.н. ново неформално мнозинство на Советот, кое го сочинуваат советниците на СДСМ, Поинаку и Левица.
Ова беше соопштено на денешната прес конференција на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Со изментиот ребаланс се предвидува реконструкција на влезовите од Прилеп и Охрид, реконструкција и изградба на петнаесет улици, подготовка на проектна документација за реконструкција на јужната трибина на стадионот Петар Милошевски, изградба на спортски игралишта, во комплексот на училиштето Елпида Караманди, средства за поддршка на спортот, лицата со ретки болести, апликантите на повикот за клима уреди, активностите на ПСК Пелистер за реконструкција на Планинарскиот дом Копанки и други.
-Капитални проекти, вклучувајќи ги и тековните се дел од новиот предлог ребаланс на буџетот што јас како предлагач го доставив на разгледување до советниците. Како и претходниот пат, така и сега од моја страна како градоначалник испочитуван е законскиот рок и советниците имаат можност во следните дваесет дена, да го разгледаат предлог ребалансот да дадат свои предлози и сугестии, со цел да биде усвоен законскиот ребаланс кој што одговара на реалните состојби, потреби и можности на битолчани – истакна Коњановски.
Тој ги повика координаторите на советничките групи на координативен состанок, што ќе се одржи неколку дена пред одржувањето на седницата на Советот, која ќе се одржи кон крајот на овој месец.
-Подготвен сум заеднички да разговараме за предлог ребалансот на буџетот и доколку има и други предлози кои се во интерес на нашите граѓани и согласно законот да можат да бидат вклопени во новиот предлог ребаланс на буџетот. Во овој ребаланс на буџетот се обидовме да ги вклопиме најголемиот број од предлог амандманите, дадени на последната седница на Советот, но, структурирани во соодветна форма која е во согласност со законот и нема да го попречи вчитувањето од страна на Министерството за финансии. Овој прелог ребаланс на буџетот е надополнет со други капитални проекти за кои е изготвена проектна документација и се дел од развојната програма и програмата за уредување на градежното земјиште, додека за дел од проектите преку програмата за економски развој се планира изработка или доизработка на проектната документација. Конкретно со овој предлог ребаланс што треба да го усвојат советниците, планираните проекти меѓу другото се надополнуваат. М.М.