Во Битола по средбата на градоначалникот Тони Коњановски со претставниците на синдикатите и директорите на јавни претпријатија, договорено е линерно покачување на платите од први август годинава, за 2.806 денари.
-За разлика од централните институции и Владата, кои досега не покажаа слух ниту за потребите на граѓаните, ниту за работниците и работничките права, ниту пак за општините, локалната самоуправа во Битола, од првиот ден работи на подобрување на социјалниот дијалог со активно вклучување на сите засегнати страни, меѓу кои и јавните претпријатија, репрезентативните синдикати и работниците. Последиците од економската криза и пасивноста на Владата во однос на спроведување на економски мерки, ги чувствуваме сите и затоа мора да воведуваме функционални решенија. Проблемот со ниските плати кај административните службеници во општината, надополнет со последиците од постојаниот раст на цените, го констатиравме веднаш по доаѓањето како нова локална самоуправа, поради што веднаш беше формирана комисија за подготвување на колективен договор за вработените во општинската администрација, на кој се работеше во изминатиот период и истиот на следната седница на Советот ќе биде образложен пред советниците, за потоа да може да се пристапи кон негово потпишување. Општина Битола, како основач на јавните претпријатија, ќе овозможи нивна поддршка и субвенционирање за надминување на тешката состојба во која се наоѓаат, поради што од моја страна, беше дадена согласност за линеарно зголемување на платите на вработените во сите јавни претпријатија во износ од 2.806 денари и секако исплата на регрес за годишен одмор, согласно законската регулатива – исакна Коњановски.
Коњановски изјави дека пред неколку дена д-р Таше Трпчевски, сопственикот на болницата „Плодност“ ги платил потребните средства за комуналии, во износ од 130.000 евра, денеска го потпишал Решението за градба, со што дозволил да почне со градба на новата болница. Новата болница, според плановите, ќе се простира на 2.500 квадратни метри. Вкупната инвестиција ќе чини над четири милиони евра. Трпчевски најавува кривична пријава протов поранешната градоначалничката Наташа Петровска и секретарот на Општината Слободан Најдовски и барање за надомест на штета од 400.000 евра, која, како што вели, ја имал, поради одвлекувањето на изградбата.
М.М.