Конечно е надмината дилемата дали годинава кичевските пензионери ќе можат да добијат дрва на рати или не, по минатогодишните проблеми што се појавија од страна на добавувачот, бидејќи дрва за огрев се испорачуваа и на крајот на годината. По состанокот со раководството од Македонски шуми постигнат е договор добавувачот Подружница „Лопушник“-Кичево во оптимален рок најдоцна до крајот на септември да ги испорача уплатените дрва.
-Можеме да ги информираме нашите членови дека кон крајот на овој месец ќе можат да се пријават да купат дрва за огрев преку нашето здружение на осум еднакви рати. Постигнат е договор со ЈП „ Македонски шуми“ целосната испорака на огревното дрво да се реализира најдоцна до крајот на септември. Цената на огревното дрво за разлика од претходните години ќе биде нешто повисока и за еден кубик огревно дабово дрво ќе мора да платат 3.150 денари, додека буковото дрво ќе чини 3.050 денари за еден кубик – рече претседателот на Здружението на пензионери од Кичево, Душан Ристоски и напомна дека интересот на најстарите жители на градот за набавка на дрва е исклучително голем.
-По неколку годишна стагнација и намален интерес на нашите пензионери за купување дрва на рати, годинава нивниот интерес е над сите очекувања и секојдневно наши членови или се јавуваат по телефон или ги посетуваат нашите канцеларии за да им биде потврдено дека годинава ќе можат да купат дрва рати. Бидејќи се работи за обемна операција и исклучително голем интерес на нашите пензионери, ќе се потрудиме се она што е договорено во целост да го испочитуваме и во договорениот рок дрвата да ги испорачаме. Инаку во цената на чинење влегува и растовар на огревното дрво кај нарачателот – додаде Ристоски. З.А.