По осми пат кичевската коњица „Пресвета Богородица Пречиста“ ќе биде дел од „Илинденскиот марш 2022“ и во наредните пет дена 11 доброволци учесници во оваа коњица, ќе го изодат патот од манастирот чие име го носи до славното Крушево. Коњицата својот пат го започна утринава од манaстирот „Пресвета Богородица Пречиста“ и во текот на наредните денови ќе измине пат од околу 200 километри за да земе учество на прославата на Илинден во Крушево.
– Утринава коњицата „Пресвета Богородица Пречиста“ го започна своето патешествие од манастирот чие име и го носи. Најпрво во манастирот беше отслужена света божествена литургија од страна на отец Макариј Бигорски. Потоа учесниците на илинденскиот марш положија заклетва и го избраа војводата Јован Тодороски од село Смилево, кој долги години живее во Австралија. Потоа коњицата се упати за Кичево каде што ќе се спои со мавровско-горнореканската коњица и заедно ќе влезат во градот и ќе го посетат храмот „Свети Петар и Павле“. Откако ќе добијат благослов од свештенството на кичевскиот храм, коњаниците преку селата Другово, Пополжани, Видрани, Брждани и Свињишта ќе го завршат првиот ден во селото од славниот војвода Јордан Пиперката, Козица, каде вечерва ќе биде организирана општонародна веселба со учество на музички групи – истакна Станоја Станојоски предводник на кичевската коњица.
Тој потсети дека на годинешниот марш ќе земат учество и две девојки кои заедно со машкиот дел од коњицата ќе го изодат патот до Крушево. Попатно кичевската коњица ќе има уште три ноќевања, по што ќе се упати за Крушево на завршниот настан и прославата Илинден. З.А.