Повеќе од една деценија кучињата-скитници претставуваат проблем за граѓаните на Кичево, бидејќи секојдневно им го загорчуваат животот и голем е бројот на оние кои на своја кожа ја почуствувале нивната жестокост.
Речиси секојдневно има барем по еден случај на локален жител кој пријавил напад од кучиња-скитници , но не е мал бројот на граѓани кои во повеќе наврати биле цел на овие кучиња, чија бројка во градот континуирано се зголемува, а на одредени локации е речиси невозможно да се помине од нивната бројност, потврдуваат кичевци.
– Во нашиот град, покрај иселувањето на младите, голем проблем претставува заканата од кучињата-скитници кои ги има стотици, со тенденција оваа бројка за кусо време да биде далеку поголема. Јас сум еден од многуте локални жители што во два наврата биле нападнати од кучиња скитници на две локации во градот. Во првиот случај, од лани, сѐ уште носам белег на десната нога, кој и денес не е целосно заздравен. Вториот напад се случи пред неполн месец и имав навистина многу среќа бидејќи лесно можеше да бидам соборен од бројните кучиња, а потоа Господ знае што можеше да ми се случи – вели Томе Трајкоски.
Тој е само еден од многубројните жители на Кичево кои и денес водат спор со општината околу исплата на паричен надомест за претрпената штета.
Полицискиот билтен секојдневно информира за нови напади, но одговорните како да немаат слух што им се случува на нивните сограѓани, на кои секојдневието им е исполнето со напади и стравови од овие предатори. Кичево се чини е еден од лидерите во републикава според бројот на кучињата-скитници во градот и бројот на напади во текот на една година.
Најавата за изградба на стационар на територија на бродска општина сѐ уште не е реализиран, а дали и фактички ќе се реализира ќе покаже времето. Дотогаш жителите на Кичево ќе продолжат да живеат во страв и неизвесност. З.А.