По пауза од десетина месеци продолжија градежните активности на реконструкција на една од главните сообраќајни артерии во Кичево, улицата „Борис Кидрич“. Скопска компанија како изведувач на работите максимално го користи сончевото и топло време да заврши поголем дел од реконструктивните работи на оваа улица.
– Долгоочекуваното продолжување на градежните активности на улицата „Борис Кидрич“ во Кичево се одвива деновиве и очекуваме до нејзиното финализирање да нема нов прекин на градежните активности. Реконструкцијата на улицата„ Борис Кидрич“ ја финансира Светска банка, а како изведувач на работите е компанија од Скопско. Деновиве се поставуваат нови рабници на деловите каде што тоа не беше претходно завршено, а во делови каде што тоа беше претходно завршено се поставуваат бекатон плочки. Во рамките на овој проект е и уредување на коритото на каналот Иванидол, а во текот на изминатите неколку дена поголемиот дел од околината на каналот е исчистена, само треба да се отстрани овој материјал зарастен со кал и висока трева – истакнаа од општина Кичево.
Од таму најавуваат, дека, откако ќе заврши поставувањето на нови рабници и бекатон плочки на тротоарите, ќе се постави нов слој на асфалт на целата должина на улицата од околу 900 метри.
– По завршувањето на тротоарите ќе се изврши гребење на преостанатиот дел од асфалтот и ќе се постави прв и втор слој на асфалт, а каде претходно е поставен првиот слој на асфалт ќе следи поставување на завршниот втор слој на асфалт. Ако послужи времето за очекување е целокупните градежни активности да завршат во оваа календарска година- додаваат од општината.
Локалните жители со нетрпение очекуваат да заврши планираната реконструкција, за конечно да се спасат од прашината и дупките што се создадени на улицата и каде движењето беше крајно отежнато. З.А.