Околу 20 групни маски од земјава и од странство беа дел од 25. карневал Прочка, што се одржа денес во центарот на Прилеп.
Мажоретки, лебеди, печалбари, верверици, обединета Европа, Пепелашка…беа дел од убавата атмосфера, на која присуствуваше цел Прилеп.
На почетокот традиционално се претставија Прилепските мечкари, кои годинава како организирана група слават 100 години.

Во присуство на претставници од Европската карневалска асоцијација, карневалот ја продолжи традицијата.
– Денешниот празник Велики поклади – Прочка, нѐ повикува на искрено преиспитување, на смирение и на подадена рака кон ближниот. Простувањето е вредност што ги зацврстува односите меѓу луѓето. Тоа е сила што ги надминува недоразбирањата и создава простор за нов почеток, за повеќе почит, доверба и слога меѓу сите нас. Во духот на празникот, да си простиме еден на друг да покажеме човечност и разбирање, и да продолжиме обединети во градењето подобра иднина за нашата општина. Се грижиме да го вратиме сјајот на карневалот – рече Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
За најуспешните маски беа доделени пригодни награди.
Ка М.




































