Викендов по 16-ти пат во Кичево се одржа Меѓународниот фолклорен фестивал на народни песни и ора „Д-р Владимир Полежиноски“. На фестивалот покрај локалните културно-уметнички друштва настапија и друштва и ансамбли од Скопје и надвор од нашата земја – од Романија, Албанија, Украина, Црна Гора, Косово и Бугарија. Преполниот градски плоштад во Кичево беше најдобра потврда за афирмацијата и популарноста на овој фестивал кај локалните жители.

Директорот на Центарот за култура кој го организира овој фестивал, Мазлам Османи, беше презадоволен од прикажаната програма и од бројното присуство на граѓаните на градскиот плоштад.

-Сите ансамбли и културно уметнички друштва кои настапија на овој фестивал го дадоа својот максимум и ја покажаа сета убавина на фолклорот, играта и песната од средините од каде што доаѓаат. Бројната публика и громогласните аплаузи беа најдобра потврда дека Меѓународниот фестивал на народни песни и ора доживеа и поширока афирмација и се етаблира меѓу фестивалите во поголемиот дел од континентот -истакна директорот Османи.

Раководителот на оркестарот на КУД „Рацин Кичево“, Јовче Митрески, беше презадоволен што за прв пат успешно ја изведоа кореографијата „ вадба“, со што и воедно го затворија фестивалот.

-Можеме и мораме да бидеме задоволни од нашиот настап на фестивалот во Кичево бидејќи повеќе од успешно нашите играорци ја изведоа кореографијата „Свадба“ за што беа наградени со громогласни аплаузи од бројната публика. Во оваа кореографија се вклучени сите членови на друштвото. Се надеваме дека оваа кореографија во иднина ќе доживее и меѓународна афирмација, кога нашето друштво ќе гостува на повеќе фестивали низ Европа – нагласи Митрески.

Пред почетокот на фестивалот учесниците имаа дефиле низ главните градски улици, за што добија громогласни аплаузи од многубројните жители на градот кои излегоа да ги поздрават.

Граѓаните беа задоволни од понуденото на фестивалот, но посакуваат ваквите настани да бидат многу почести во текот на летото.

Фото: Зоран Антовски