Последните четири-пет години вранештичките грнчари покрај намалената побарувачка на нивните производи, тие своето производство се приморани да го продаваат на откупувачите и по пониска цена да се ослободуваат од готовите производи, кои околу Духовден се најмногу барани на пазарот.
– За да немаат конкуренција на пазарот од нас производителите, препродавачи од повеќе градови во повеќе наврати го посетуваат нашето село и целокупното производстсво го откупуваат по намалени цени и од нивната понуда на пазарите, единствено, зависи големината на понудата во целост. Бидејќи ние не можеме да продаваме и да ја одредиме висината на продажната цена, цените зависат исклучиво од прекупувачите. Инаку кога ние би ги продавале сопствените производи, тогаш висината на малопродажните цени би биле за 30 проценти пониски – вели еден од ретките активни грнчари во село Вранештица, Митре Божиноски.
И покрај се потешките услови за стопанисување со грнчарството, сепак поедини грнчари како Горан С. се уште верува дека може да се егзистира од овој занает, но малку поскромно.
– Кај нас обемот на работа и приходите се намалени, но сепак се уште може да се живее од овој занает. Денес променет е асортиманот на производите кои се барани, а најактуелни се порачките на тави, чаши, кригли, бокали и повеќе видови украсни производи. Според актуелната состојба во грнчарството не можеш да се збогатиш, но може пристојно да се живее и покрај фактот што овие времиња се далеку од периодот од пред повеќе децении, кога овој занает беше изразито доходовен и тоа беше причината половина село да се занимава со грнчарство – додава мајстор Горан.
Бројот на активните грнчари во кичевско е драстично намален и денес едвај пет-шест грнчари егзистираат исклучиво од овој занает.
З.А