Првата голема акција за чистење на реките во Демир Хисар ќе се реализира во сабота (29 јуни) во 10 часот. Зборното место е пред Задружниот дом во село Слоештица, Демир Хисар.
Во реките кај селото Слоештица во Демир Хисар живеат пелагониската пастрмка и речниот рак, кои се на листата на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN). Оваа област е прогласена за значајно растително и подрачје на птици и е средиштето на потенцијалното подрачје Натура 2000 во Македонија. Валавиците и водениците претставуваат светско културно наследство, а Слоештица е и родното место на големиот Петре М. Андреевски. И покрај природното и културното значење на овој регион, тој е запоставен. Еден од проблемите се и многуте диви депонии лоцирани до и во реките, кои се влеваат во Црна Река.
Еколошката акција ја организира Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт – Гумно“ од Слоештица, во соработка со Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.
Акцијата ќе ја поддржат со волонтери и механизација и општината и јавното комунално претпријатие од Демир Хисар.
Кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.