Советот на Општина Битола на последната онлајн седница донесе одлука за формирање на јавна општинска установа за култура.
Новоформираната јавна установа за култура ќе управува со Офицерскиот дом и киното „Манаки”, кои според најавите наскоро треба да бидат предадеи во употреба.
– Не дискутираме за објекти, туку за институција и како таа во иднина би функцинирала. Ние советниците од опозицијата досега не добивме некое цврсто уверување дека локалната власт има одредена стратегија и концепт како оваа институција во иднина ќе функционира. Во однос на Киното „Манаки“, институција која функционира со кинодејноста повеќе од одлично е Центарот за култура. Офицерскиот дом сметаме дека би можел да биде сцена за алтернативна уметност и простор за други уметности. Но, не како класична институција, бидејќи во Битола ги има повеќе од доволно. Нашето мислење е дека оваа Установа за култура се формира се со цел во истата да се вдомат партиски кадри – смета советникот на ВМРО ДПМНЕ, Борче Димитровски.
За донесеување на ваквата одлука на онлајн седницата гласаа 17 советници од Коалицијата на СДСМ, а останатите 12 советници од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и „Поинаку“ гласаа воздржано, кои предложија со киното „Манаки” да стопанисува Центарот за култура, а Офицерскиот дом да биде алтернативна културна сцена, но не посебна институција.
– Офицерски дом кој годинава слави 101 година откако е отворен за јавноста. Кога ВМРО ДПМНЕ беше на власт Офицерскиот дом цели 20 години беше оставен на забот на времето. Кога колегите од опозицијата беа на власт и добија конечно можност и да го реновираат и да го вратат во служба на граѓаните тие решија дека тој не им треба на Битола и битолчани. Поранешната власт се обиде истиот да го продаде. Тоа е болна приказна за тоа колку Офицерскиот дом му значеше на ВМРО-ДПМНЕ. За нив Офицерскиот дом беше проблем. СДСМ преку локалната самоуправа обезбедија пари преку ИПА фондовите за целосно негово реставрирање – истакна советничката на СДСМ, Жаклина Наумовска.
М.М.