Општината Битола деновиве стартуваше со проектот „Еко офанзива“. Во рамките на овој проект во Битола ќе бидат изградени шест нови детски паркови со сите потребни реквизирти за забава и разонада за најмладите.
– Ова е почеток на акцијата која годинава интензивно ќе се реализира, затоа што сиот узурпиран простор што го имавме во минатото, кој беше нефункционален, оваа локална самоуправа е решена да го стави во поинаква функција, во функција на граѓаните. Шесте нови паркови се само почеток, а до крајот на годината ќе завршиме со поинаков изглед на опкружувањето на живеалиштата на нашите граѓани – рече градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.
Јавното претпријатие „Комуналец“ е реализатор на проектот „Еко офанзива“. Директорот Панде Богоевски посочи дека активностите на терен се одвиваат на различни локации, на територијата на целата општина.
– Како јавно претпријатие извршивме санација на голем дел од постоечките детски паркови во градот, но истовремено се одвоија и нови локации за паркови. Вклучивме и нови содржини, меѓу кои 20-тина детски композиции, а се опремуваат парковите и во руралните средини, како што е паркот во селото Кравари. Тука беше се запуштено, а покрај уредувањето е поставена и нова детска композиција. Имаме соработка и со приватни компании, во случајов имаме донација на канделабри, со што паркот има прекрасен изглед и во вечерните часови. За реализацијата на оваа фаза од проектот се издвоени 3.000.000 денари – рече Богоевски.
М.М.