ГЕВГЕЛИЈА

Електрани на РСМ“ објави јавен повик за претквалификација за избор на консултант за изработка на студија за оправданост за проектот „Парк на ветерни електроцентрали Миравци“. Сите заинтересирани компании треба да се пријават на порталот за е-набавки на ГТАИ (Germany Trade & Invest), Економска развојна агенција на Сојузна Република Германија (www.gtai.de), и ТЕД (Tenders Electronic Daily), електронска тендерска платформа на Европската Унијa (www.ted.europa.eu).
Заинтересираните компании треба да се регистрираат на порталот во делот наменет за проекти финансирани со грант од Германската банка за развој и да изразат интерес за овој проект. Набавката и евалуацијата ќе се изведуваат според правилата на Германската банка за развој. Условите за учество се вклучени во документите прикачени на порталот. Компаниите може да побараат разјаснување и дополнителни информации во согласност со упатствата дадени во документите. Рокот за пријавување е до 28 јули – информираат од Општина Гевгелија.

Инаку, проектот „Изградба на ветерен парк во Миравци“ влезе во приоритетната листа на поддржани проекти утврдена од Владата за изградба на енергетски системи со обновливи извори на енергија. Со потпишувањето на договорот за доделување грант во висина од 2,4 милиони евра од „Програмата за обновливи извори“ за поттикнување на енергетската транзиција, од јаглен кон обновливи извори на енергија помеѓу „Електрани на Македонија“ и Германската банка за развој, поддржани се пет проекта, за кои доделените средства ќе се искористат за изработка на технички студии и документи.
Грант-средствата овозможуваат дополнителни 80,5 милиони евра евтини кредити за изградба на енергетски објекти. Целта на овие проекти е да се забрза темпото кон енергетската транзиција за почисто производство на електрична енергија, што повеќе да се користат обновливи извори на енергија, а јагленот да се замени со природен гас и да се намалат јаглеродните емисии на долгорочен план – информираат од Општината.