Жителите на Стар и Нов Дојран, месното население од овој град и дел од жителите на селото Фурка веќе се во паника кој ќе ги лекува, затоа што нивниот матичен лекар ќе си замине и неизвесно е дали и кога ќе дојде нов во здравствената амбуланта. Особено се исплашени повозрасните жители, бидејќи ќе нема каде во близината да се лекуваат, па ќе мора или да патуваат до Валандово и Богданци или во случаи на итност да чекаат на итната медицинска помош од Гевгелија. Проблемот, велат од Здружението на приватни лекари на Македонија, произлегува од законските решенија, кои треба да се променат, односно пациентите да бидат на приватната здравствена установа, а не на докторот. За тамошниот случај веќе се пишуваше и по социјалните мрежи, а некои ги пренесоа и ставовите на жителите, кои велат дека Дојран е село кога нема доктор, немаат ништо.
За еден рецепт пациентите ќе треба да возат 30 километри
„Од 1 декември Дојран и целиот регион ќе останат без последниот матичен лекар. И сега наместо да дојде нов доктор и да ги наследи по автоматизам сите пациенти – новиот доктор, кој е крајно неопходен во тој регион, ќе треба да чека пациент по пациент да запишува. Од што ќе обезбеди плата за него и за медицинската сестра? Затоа ние како здружение бараме пациентот да си биде прикрепен за амбулантата. Кому не му се допаѓа, има право двапати во годината да си промени доктор. Ние постојано велиме, ајде да си направиме Европа дома, а не да трчаме за изгубени вредности. Замислете како ќе им биде на жителите од Дојран кога ќе треба за еден рецепт да земат за акутна терапија да возат 30 километри до Гевгелија? Или европски ќе беше здравствениот систем веднаш да обезбеди матичен доктор и сестра и да нема прекин на континуитетот на лекувањето“, напиша на социјалните мрежи д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателката на Здружението на приватни лекари на Македонија.
Изборот на лекар е неприкосновено право
На прашањата на „Нова Македонија“ до Министерството за здравство што ќе се случува сега со тамошните пациенти, каде ќе се лекуваат, зошто не е прифатено барањето на здружението и зошто се нема слух за решавањето на овој проблем, оттаму велат дека изборот на лекар е лично и неприкосновено право на пациентот.
– Пациентот може да избере лекар без ограничување според местото на живеење. Предлогот на здружението за изборот на лекар да се врши на ниво на установа не е нов во нормативните активности на Министерството за здравство. Напротив, активна расправа за тоа веќе се води. Но целиот систем на здравствена заштита и здравствено осигурување, организациски и финансиски се базира на изборот на лекар на пациентот и на избраниот лекар како посебен и разработен институт во тој систем. Овој предлог треба дополнително да се анализира од различни аспекти. Докторите на медицина можат да основаат приватни здравствени установи за да работат како избрани лекари во сите подрачја каде што не е исполнет максималниот број на тимови. Тоа може да се направи во приватен простор или во простор и со опрема издадена под закуп од здравствениот дом. Тоа, секако, зависи и од заинтересираноста на докторите на медицина да работат како избрани лекари, но и од фактичката (актуелната) состојба за бројот на лекари, која во одредени региони е мала – објаснуваат од Министерството.
Оттаму додаваат дека со оглед на тоа што не е ограничен изборот на лекар на пациентите од одредено подрачје, тие можат да го направат својот избор на лекар и во друго најблиско подрачје до своето место на живеење, дури и во услови кога во нивното место на живеење би имало можност да изберат лекар.
– Од друга страна, и сега постои законска можност пациентот што не може да го оствари правото на здравствена заштита на примарно ниво во местото на живеење, да има право на здравствена заштита на примарно ниво во здравствен дом во кој се врши здравствена дејност на примарно ниво и кој има седиште во подрачјето во кое е опфатена општината во која се наоѓа местото на живеење на пациентот. Вака организираната здравствена заштита од страна на здравствениот дом ги опфаќа сите работи на избран лекар. Покрај тоа, за итните случаи постои организирана служба за итна медицинска помош и домашно лекување – ни рекоа од Министерството за здравство.
Д-р Томчева – матична докторка на 2.000 пациенти
Д-р Драгица Томчева, матичната лекарка од здравствената амбуланта во Нов Дојран, има 64 години и планира да поднесе барање за заминување во пензија. По 30 години работа во Дојран, од кои 12 како матична лекарка, планира да се пензионира. Таа останала на работа плус две години, а им е матична лекарка на 2.000 пациенти, претежно повозрасна популација.
– Сѐ уште не сум ја започнала постапката, но планирам да поднесам барање за пензионирање, да го известам и градоначалникот, но социјалните мрежи веќе пишуваат за случајот. До 31 декември нема да ми дозволат да се пензионирам, амбулантата е под концесија на Општата болница – Гевгелија. Мојата замена е во Валандово. Веројатно откако ќе поднесам барање ќе се распише оглас за матичен лекар, но дали ќе има некој да се пријави не знам. Во Дојран има еден што треба да го даде последниот испит, а дали некој ќе дојде од друг град тука да работи не знам. Најблиската болница ни е на 30 километри одовде, а младите доктори не се доволно мотивирани да останат и да работат во примарното здравство. Кога ќе дојде нов лекар, ќе треба одново да ги внесува пациентите еден по еден, а тие сами треба да си изберат матичен лекар. Станува збор за претежно возрасни пациенти, кои не можат многу да патуваат, па сакаат не сакаат ќе мора да се лекуваат тука.
Министерството ќе треба да распише конкурс за матичен лекар. Но ако треба, ќе почекам и Општината да се погрижи да се реши проблемот. Она што го знам, сите ние матичните лекари сме евидентирани во Министерството за здравство, секој јануари потпишуваме со нив договори за работа, па, оттаму, тие треба да знаат и за мојата возраст, односно дека веќе треба да заминам во пензија – вели д-р Томчева.
Нејзината колешка д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Македонија, вели дека поради незаинтересираноста на државата за овој проблем, подолг период цели региони се без матичен доктор. Таа вели дека, за жал, недостигаат системски решенија и национална стратегија.
– Колешката има 64 години и сака да се пензионира. Медицинската сестра има 60 години и сака да оди во пензија како технолошки вишок. По сегашните закони и правилници фирма не се продава. Нов доктор ако дојде, мора да конкурира на тендер за просториите за концесија и ќе треба да почне да собира пациент по пациент. Така нема да има пари со месеци и години за да општи. Но ако државата го прифатеше барањето на Здружението на приватни лекари, пациентите да бидат на приватната здравствена установа, а не на доктор, тогаш сигурно ќе се наоѓаа млади доктори, кои веднаш ќе доаѓаа во новата амбуланта. Ние како здружение ги имаме лоцирано проблемите и постојано нудиме решенија, но никој не сака да направи промени во интерес на народот – ни рече д-р Лилија Чолакова Дервишова.