Српската поп-ѕвезда Јелена Томашевиќ и познатата хармоникашка од Финска, Хели Сиекинен, денеска засадија дрвца пред Центарот за култура – Битола, заедно со директорката Маја Андоновска-Илијевски.
Јелена Томашевиќ и Хели Сиекинен се гости на Фестивалот на музика од светот, што започнува вечерва во Битола. Хели Сиекинен, инаку виртуоз на хармоника настапува вечерва заедно со Камерниот оркестар. Јелена Томашевиќ утревечер на концертот ќе настапи заедно со Битолскиот Камерен оркестар.
– За првпат сум тука и возбудена сум исто колку и публиката пред концертот. Благодарам на сите кои купија карти во рекореден рок, ветувам дека повторно ќе се вратам во Битола. Големо задоволство ми е што ќе настапам заедно со Камерниот оркестар од Битола. Имавме проба, звучи божествено – изјави Томашевиќ.
Фестивалот на музика од светот, свечено ќе биде затворен в недела со настапот на
Џамбо и Агушеви.
– Битолчани се познати по желбата да ни се случува нешто интересно во градот и сме публика која ги следи сите културни настани. Можеби залакот е преголем затоа што три дена ќе имаме три големи концерти – рече директорката на Центарот за култура – Битола, Маја Андоновска-Илијевски.
Фестивалот на музика од светот се одржува со поддршка од Министерството за култура, Општината Битола, и со спонзорство од неколку приватни компании. Инаку, ова е 11. издание на Фестивалот.
М.М.