Во рамките на инфраструктивните зафати на локалната самоуправа Битола почна реконструкцијата на улиците „Ѓорги Ѓоргиев – Џоџа“ и „Пробиштип”.
– Овде над 40 години не беше ништо санирано. Имавме стари, речиси неупотребливи цевки за водовод и канализација – истакнаа жителите на улица „Ѓорѓи Ѓорѓиев – Џоџа”, по средбата со градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
Дел од лицата задолжени за проектот за реконструкција заедно со Петровска извршија увид во теренските активности на оваа улица, каде во моментов работат екипите на КЈП „Нискоградба” на поставување на мешовита канализација, по што ќе следува
изведба на водоводната мрежа и финално, уредување на коловозот.
Целосната реконструкција на оваа улица е во вредност од над 3,2 милиони денари.
Паралелно во овој дел на градот се работи и на реконструкција на улицата „Пробиштип“
И на оваа улица ќе бидат изведени истите реконструкцитни зафати, односно ќе се менува водоводната мрежа и соодветно ќе биде уреден коловозот.
Жителите на улицата „Пробиштип” посочија дека често имале проблеми со поплавување на домовите и собирањето на водата. Тие изразија благодарност до градоначалничката Петровска за интервенцијата на оваа улица, која ќе значи многу за
нивното нормално живеење. M.M.
Се реконструира месната канцеларија во село Логоварди
Во Битола продолжува инвестицијата на локалната самоуправа во месните и урбаните заедници, преку обновување на просторните услови на објектите. Во селото Логоварди, кое се наоѓа само на неколку километри од градот, долги години имаше неупотреблив,
руиниран објект на месната заедница.
Деновиве во тек е целосна реконструкција на објектот, каде се работи на зидовите, таваните, прозорите, санитарните јазли и подовите. Реконструктивните зафати се во вредност од околу 600.000 денари, со што месната канцеларија ќе стане функционален и енергетски ефикасен објект. По реконструкцијата, објектот ќе биде место за дружење, одржување на низа активности и средби на жителите од сите возрасти во селото.
Жителите на ова битолско село искажаа благодарност до градоначалничката Наташа Петровска, која го исполни даденото ветување да ја реновира месната канцеларија.
За време на средбата со Петровска, жителите од селото разговараа за можноста за санација на дел од улиците, при што градоначалничката истакна дека во Општина Битола веќе се работи на проект за уредување на улиците во селото, во вредност од над шест милиони денари. М.М.