Синоќа во рамки на „Културно-забавно Лето Новаци 2019“ во дворот на општината во Новаци се одржа петтиот културен настан „Разиграна општина Новаци“. 

Несекојдневниот настан со имресивен и возбудлив настап на пет фолклорни друштва и ансамбли од Пелагонија и две групи од Мексико и Белгија го привлече вниманието на многубројната публика.

Фолклорниот караван предводен од културно-уметнички друштва од Пелагонија и тоа КУД „Новаци“ од Новаци, КУД Илинден од Демир Хисар, КУД Илинден од Битола, КУД Мирче Ацев од Тополчани и Фолклорниот Ансамбл Гоце Делчев од Битола истовремено тргна и се играше во четири населени места во општина Новаци и тоа во с. Далбеговци, с. Г.Агларци , с. Живојно, с. Гермијан.

Граѓаните во овие села имаа можност да го проследат овој културен настан токму во своето место на живеење. Токму таа дисперзија на културните настани го прави побогато, подостапно и помногубројно културното лето во општина Новаци.

КУД „Новаци“ од Новаци како домаќини ја отворија фолклорната вечер со сплет карактеристичен за ова поднебје и регион, а редоследно зедоа учество и останатите фолклорни друштва. Со маестрална изведба, уникатни како и сегогаш се претстави КУД Илинден од Битола оставајќи силен впечаток кај многубројната публика.

Имресии предизвика и настапот на Кралската уметничка група Алкуоне од Алст, Белгија, која со креативен и експресивен танц со фрлање знамиња се претстави пред публиката. Станува збор за светски позната уметничка група која настапува на светски познати плоштади ширум светот.

Оваа група од самото основање до денес бележи врвни достигнувања ширум светот за што зборува и наградата „Кралска уметничка група“ доделена од кралот Алберт Втори во знак на признание за нивната 50-годишнина.

Со карактеристичен перформанс настапи и танцовата група од Монтереј од Мексико предизвикувајќи бурни овации кај публиката. Амбиентот беше збогатен и со вкусната трпеза од Здружението на жени „Силата на Бабата“ од Новаци кои се познати во регионот по правењето вкусна и традиционална храна обезбедувајќи за сите учесници
со закуска.

М.М.