ГЕВГЕЛИЈА
По пристигнатата нова пратка со 700 дози од кинеската вакцина „Синовак“, во Општата болница со проширена дејност – Гевгелија продолжува имунизацијата на населението од Гевгелија, Богданци и од Дојран, на возраст над 65 години.
Директорот на болницата, д-р Митко Крџев, истакна дека дневно ќе се имплицираат по 170 дози од вакцините на двата пункта во поранешното oдделение за кожни и венерични болести, и тоа само на лица пријавени преку апликацијата „Мој термин“, кои по добивањето порака треба да ја примат вакцината во закажаниот термин. Покрај ова, директорот Крџев дополни дека во зависност од бројот на пријавените, можно е на дневна основа да се намалува и старосната граница на пријавените лица за вакцинација.
– По стивнувањето на ситуацијата со регистрирање новозаболени од ковид-19 во Гевгелија и отпишувањето на последниот пациент од болнички третман, на 31 мај беше затворена ковид-модуларната болница. Во новите статистики на Министерството за здравство на дневна основа, Гевгелија изостанува од списокот на градови со бројка на новозаболени од ковид-19. Во последната анализа на Институтот за јавно здравје за состојбата со пандемијата во Гевгелија се евидентирани само три активни случаи – информираат во Општината.